Одржлив развој преку рационално управување со ресурсите во животната средина macedonia@rec.org.mk MK EN
RAC Северна Македонија — Енергетска ефикасност во ладењето UNIDO — United Nations Industrial Development Organization Канцеларија за заштита на озонската обвивка Ресурсен центар за животна средина — РЕЦ Северна Македонија
Енергетска ефикасност во секторот за ладење и климатизација

Енергетски ефикасно и одржливо ладење — предизвик и можност за Северна Македонија

Зошто енергетската ефикасност во ладењето и климатизацијата е заедничка одговорност, и што сака да постигне овој проект.

Ладењето и климатизацијата денес се составен дел од секојдневниот живот и од функционирањето на современата економија. Системите за ладење и климатизација — од домашни клима-уреди и комерцијални ладилни системи, до индустриски, фармацевтски, прехранбени и други специјализирани апликации — имаат сè поголемо значење за комфорот, здравјето, безбедноста на храната, производните процеси и економската активност.

Истовремено, растечката потреба за ладење претставува значаен предизвик од аспект на потрошувачката на енергија и влијанието врз животната средина. Изборот на технологијата, енергетската ефикасност на опремата, видот на ладилниот флуид, квалитетот на инсталацијата и редовното одржување директно влијаат врз потрошувачката на енергија, оперативните трошоци и емисиите поврзани со RAC системите.

Во овој контекст, Северна Македонија се наоѓа пред важна транзиција кон поенергетски ефикасни, климатски поповолни и долгорочно одржливи технологии за ладење и климатизација. Оваа транзиција не се однесува само на замена на ладилните флуиди или старата опрема. Таа подразбира поширока промена во начинот на кој RAC системите се избираат, проектираат, инсталираат, користат, одржуваат и конечно заменуваат.

Проектот

Како дел од пошироките активности поддржани од UNIDO, Владата на Северна Македонија, преку Националната озонска единица при Министерството за животна средина и просторно планирање, во координација со институциите надлежни за енергетска ефикасност, го спроведува пилот-проектот насочен кон зајакнување на националната рамка за енергетска ефикасност во RAC секторот. Проектот е поддржан преку Мултилатералниот фонд на Монтреалскиот протокол и е поврзан со процесот на постепено намалување на HFC и воведување поефикасни технологии и опрема.

Кој учествува во транзицијата

Еден од клучните елементи на оваа транзиција е подигнувањето на информираноста и знаењето кај сите релевантни чинители. Техничарите (операторите) и сервисните компании имаат клучна улога во правилната инсталација, одржување, спречување на истекување и ефикасно функционирање на системите. Увозниците и сопствениците на опрема влијаат врз изборот и достапноста на технологиите, додека институциите имаат важна улога во креирањето и спроведувањето на регулаторната рамка. Крајните корисници, пак, преку своите одлуки за набавка, користење и одржување, можат значително да влијаат врз вкупната енергетска и еколошка ефикасност на системите.

Затоа, енергетската ефикасност во RAC секторот не е само техничко прашање. Таа е заедничка одговорност и можност за намалување на потрошувачката на енергија, оперативните трошоци и емисиите, истовремено обезбедувајќи подобри перформанси, поголема сигурност и подолг животен век на опремата.

MEPS и еко-дизајн

Посебно значење има примената на минималните стандарди за енергетски перформанси (MEPS) и барањата за еко-дизајн, кои создаваат основа за постепено подобрување на енергетските перформанси на опремата и за поголема достапност и примена на поефикасни технологии. Проектот има за цел да придонесе кон подобро разбирање и практична примена на овие барања, паралелно со промовирањето на технологии со низок GWP и добри практики за сервисирање и управување со ладилните флуиди.

Целта на порталот

Проектот има за цел да создаде информиран RAC сектор кој може да препознае, избере и примени решенија што се енергетски ефикасни, климатски одговорни и подготвени за идните европски и национални барања.

Преку овој специјализиран онлајн портал правиме напори за подигнување на јавната свест со цел — знаењето да се претвори во практична промена. Преку информативни материјали, стручни интервјуа, статии, кратки видеа и работилници, да се доближат информациите за енергетски ефикасните RAC технологии до професионалците, институциите, бизнисите и крајните корисници.