Кој го спроведува проектот
Канцеларијата за озон како носител, UNIDO како донатор и РЕЦ како спроведувач на кампањата.
Проектот го спроведуваат три страни, секоја со своја улога.
Канцеларија за заштита на озонската обвивка
Национална озонска единица при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Канцеларијата е носител на проектот. Таа е државниот орган одговорен за спроведување на Монтреалскиот протокол и на Кигали амандманот во Северна Македонија. Нејзина надлежност се:
- спроведување на националната легислатива за супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка и за флуорирани стакленички гасови
- управување со системот на квоти за увоз на HFC, воспоставен со Наредбата објавена во Службен весник 13/24
- водење на националната евиденција за евидентирана и означена опрема, како и за сертифицирани сервисни техничари и сервиси
- издавање на сертификати и лиценци за работа со разладни средства
Ако ви треба потврда дали сервисер има важечка лиценца, или имате прашање за увозна квота, Канцеларијата е вистинската адреса.
UNIDO — Организација на Обединетите нации за индустриски развој
Донатор и спроведувачка агенција.
UNIDO е специјализирана агенција на Обединетите нации со мандат за индустриски развој. Во областа на ладењето, таа е една од спроведувачките агенции на Монтреалскиот протокол и работи со земји во развој на преминот кон технологии со низок потенцијал за глобално затоплување.
Финансирањето на овој проект доаѓа преку Мултилатералниот фонд за спроведување на Монтреалскиот протокол — механизам преку кој развиените земји ја покриваат дополнителната цена на преминот во земјите во развој.
UNIDO е технолошки неутрална: не застапува ниту еден производител ниту одредено техничко решение. Нејзината улога е стручна поддршка, обука и пренос на искуство.
Центар за ресурси во животната средина — РЕЦ Северна Македонија
Спроведувач на Кампањата за подигнување на јавната свест.
РЕЦ е независна, непрофитна организација што работи на прашања од животната средина преку соработка меѓу институциите, бизнисот, стручните здруженија и граѓаните.
Во овој проект, РЕЦ е одговорен за компонентата за подигнување на јавната свест: мапирање на засегнатите страни, изработка на информативни материјали, организирање работилници и водење на овој портал. Прирачникот за енергетска ефикасност на RAC системите е изработен во рамки на оваа компонента.
Поделба на улогите
| Страна | Улога |
|---|---|
| Канцеларија за озон | носител, регулатива, евиденција, лиценци |
| UNIDO | финансирање, стручна поддршка, меѓународно искуство |
| РЕЦ | јавна свест, материјали, работилници, портал |
Енергетска ефикасност во секторот за ладење и климатизација